Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека ќе оди утре во Брисел на итна средба со косовскиот премиер Албин Курти. Но, рече дека не е оптимист за дијалогот Белград – Приштина, кој се одржува со посредство на Европската Унија (ЕУ).
Србија бара формирање на Заедница на српски општини на северот на Косово, што е обврска од Бриселскиот договор и укинување на одлуката на косовските власти за замена на српските со косовски регистарски таблички.
Вучиќ оцени дека ситуацијата на северот на Косово е потешка, отколку во претходните десет години и додаде дека е подготвен да разговара за француско-германскиот предлог за нормализација на односите со Косово.
Тој предупреди дека ако се спроведе одлуката за промена на регистарските таблички, како што рече, ќе биде пекол на ситуацијата.
И покрај повиците на Европската Унија и САД, косовскиот премиер Албин Курти инсистира да ја спроведе одлуката за пререгистрација на возилата. ЕУ ја оцени сегашната ситуација како една од најсериозните во последните 10 години и како што соопшти официјален Брисел, на утрешниот состанок ќе се обиде да најде европско решение за проблемот меѓу Белград и Приштина.











