Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска на денешната прес-конференција информираше дека од 1 јуни 2022 година до овој момент исплатени се вкупно 111 милиони денари, од вкупно фактурирани 120 милиони денари обврски кон „Слободен превоз“. Кон „Мак експрес“ има фактурирани 44 милиони денари и како што вели, сите се платени. Ги повика претставниците на приватните превозници најавениот протест да го префрлат пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.
Ги повикувам претставниците на „Слобода превоз“ и на „Мак експрес“ овие протести коишто ги најавуваат да ги префрлат пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ чиишто директори го генерирале долгот којшто сега тие сакаат да го претставуваат како неуспех на градското раководство, а исто така и на новото раководство на ЈСП кое ги решава проблемите и сите оние долгови коишто се изгенерирани во изминатите години, порача Арсовска.
Градоначалничката посочи дека ваквите состојби се политизираат и дека приватните превозници не го почитуваат договорот, што е потпишан со ЈСП на две години и оти не е исполнета обврската за усогласување на автобусите со еколошки стандарди, фискализирање на наплатата на билетите, навремено пристугнување на автобуските станици и одржување на хигиената на соодветно ниво.
Од опозициската партија пак ѝ порачаа да престане да го политиза протестот на приватните превозници и да започне да ги решава проблемите.
Тоа нема никаква врска со политиката, туку со отсуството на способност да се носат вистински одлуки во градот Скопје од страна на градоначалничката. Да се тргнат политичките флоскули на страна и Арсовска да започне да ги решава проблемите на скопјани, и да не ја користи ВМРО-ДПМНЕ како изговор на сопствената неспособност, соопштија од партијата.











