Ве-де претседатeлката на скопска Aпелација, Мери Дика Георгиевска доби и четиригодишен мандат. Немаше конкуренција и членовите на Советот едногласно ја избраа на чело на тој суд, кој се соочува со сериозен недостаток на судии, но последнава година беше и во центарот на вниманието поради низата укинувачки пресуди за предмети од интерес на јавноста. Враќајки ги назад во Кривичниот суд, некои од нив како прислушувањето, ги дочекаа и измените на Кривичниот законик (КЗ) и застареа или ќе застарат.
Георгиевска е судијка од 1996 година од основен суд. Преку Апелација беше еден мандат и член на судскиот совет. Нејзиното име се споменуваше во јавноста и кога беше сведок во предметот „Рекет“ каде, како кума на Боки 13 и блиска до семејството, одговараше на прашања. Членовите на советот ја поддржа поради искуството и покажаните резултати како ВД претседателка .
И кумановскиот суд доби старо-нова претседателка. Снежана Манев останува во претседателското столче. Беше избрана со девет гласа „за“ и еден „против“.
Изминатиот период Манев и судот што го раководи беа на тапет на министерот за правда Лога, кој ја спореше можноста што таа ја добила да полага повторно тест за интегритет кој бил прекинат поради замор. Од Правда го критикуваат и Судскиот совет, затоа што не преземал мерки за санкционирање и одговорност на претседателката на кумановскиот суд за констатирани неправилности со АКМИС системот.
Судски совет денеска избра претседателки на основните судови во Прилеп и во Битола. Јасмина Шишковска Стојковиќ и Татјана Петровска. Двете се со завршена Академија за судии и се судијки од 2009 година.
Елена Ивановска Мукоска











