Предлог Законот за амнестија е упад во судството, согласна е и судската фела. Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, вели дека политичарите носат закони, а критиките одат на сметка на судиите. Смета дека целиот процес требаше да се спроведе транспарентно и да се анализираат последиците од Законот за амнестија.
Можам да се согласам дека на некој начин се врши упад во судството со ваквите измени. Се наоѓаме во една состојба во која судството е на удар на критики, а извршната власт носи закони кои се одразија на застарување на предмети кои се звучни во јавноста, вели Сашко Георгиев, претседател на Судски совет.
На прашањето дали судството може да се амнестира за застарување на предмети од висок профил, Георгиев не сакаше да ги коментира постапките на повиските судови.
Факт е дека за дел од тие постапки имаше, на некој начин доцнеше правда, или правда која трае недозволиво долго за некои предмети. Но, тоа е во една процедура, каде има пресуди во основните судови, повторување на некои предмети. Не навлегувам во тој дел, сепак тоа се одлуки на второстепени и третостепени судови, вели Георгиев.
Заменик министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ уште еднаш повтори дека Закон за амнестија е предложен од Министерството за правда со цел да е намали бројот на осуденци од пренатрупаните затвори, но смета дека тоа не е единствено решение, затоа што постојат и други мерки. Најави дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман за некои предмети од јавен интерес за да се спречи тие осуденци да бидат на слобода.
Станува збор за предмети од јавен интерес, како што е „Монструм“. Од страна на нашата пратеничка група нема да биде дозволено. Значи ќе се достави амандман како што и веќе претходно беше кажано, рече Мадиќ.
Предлог законот за амнестија е доставен до Собрание, предвидено е да се донесе по скратена собраниска процедура, а треба да се најде на дневен ред на пленарна седница во четврток. Со него се очекува целосно д абидат ослободени од затворска казна 286 осудени лица, а делумно амнестирани 996.
Емилија Мисирлиевска











