Храната во изминатите две години поскапе за скоро 40 проценти. Тоа значи дека за производите што во септември 2021 година се купувале со 10.000 денари, сега се потребни скоро 14.000 денари. Министерот за економија најавува дека на поскапувањата им доаѓа крај. Според него, храната во октомври почнала да поевтинува.
Експертите се сомневаат дека по одмрзнувањето на цените на основните прехранбени производи поскапувањата ќе продолжат. Во вчерашното гостување на ТВ Сител, министерот Бектеши изјави дека владините мерки даваат резултати и оти инфлацијата на храната се намалува.
„Според моите првични податоци за месец октомври, кои ќе ги објави Државниот завод за статистика следната недела, инфлацијата во делот на храната ќе биде под 2 проценти, а вкупната инфлација во државата ќе биде преполовена споредено со претходниот месец и тоа е како резултат на мерките кои ги усвои Владата, посебно Министерството за економија“, рече Бектеши.
За годишната инфлација на храна да падне под 2 отсто, цените во октомври треба се пониски за скоро 3 отсто од септември.
Во изминатите години владата во неколку наврати се обидуваше со замрзнување на цени или маржи за основните прехранбени производи да ја намалува инфлацијата, но откако ќе завршеа мерките, цените повторно се зголемуваа.
Големите поскапувања на храната почнаа по завршувањето на ковид-кризата во август 2021 година, кога храната почна да поскапува за по 1 отсто месечно, колку што претходно беше поскапувањето за две години. Владата ги замрзна цените на храната, па потоа се откажа од ДДВ за основните прехранбени производи, но по почнувањето на војната во Украина, храната месечно поскапуваше по 3-4 проценти. Минатата година ги замрзнуваше маржите на основните производи, па им даваше субвенционирана струја на производителите на храна, па ја ограничуваше цената на лебот. На почетокот на годинава цените почнаа да се стабилизираат, но летоска повторно почнаа поскапувања, па владата повторно ги замрзна цените.
Експертите велат дека замрзнувањата на цените го решава проблемот само на краток рок.
„Решавање на инфлацијата со замрзнување на цените, практично не го решавате проблемот, само го одложувате додека еден ден не треба повторно да ги одмрзнувате цените, а во меѓувреме, не само што ќе паднат профитите на приватните фирми, тоа е најмал проблем. Големиот проблем е што тие се снаодливи, па ќе има недостиг на пазарот, и ќе се јави уште повеќе шверц, сива економија и повторно најмногу ќе настрадаат најсиромашните граѓани“, изјави професорот Ванчо Узунов пред неколку дена.
Анкетата која годинава ја спроведоа Асоцијацијата за демократска иницијатива и Пулсот на демократијата покажува дека поскапувањето на храната бил најголем удар за граѓаните.
Срѓан Стојанчов











