По 120 годишна традиција, се заканува опасност во Битола да се стави крај на гимнастиката, затоа што Општината побарала од Клубот за гимнастички спортови да се исели од објектот ДТВ Партизан. Ваква загриженост изрази претседателот на Федерација на гимнастички спортови, Љупчо Арнаудов. Поради неплатени две закупнини, на неговата фирма Џокер турист му е раскинат договорот за 30 годишна концесија, а по судската пресуда сега треба да ја напушти салата во која вели вложил многу пари за обнова и опрема.
-Го реновиравме тој објект, ставивме нова фасада, нов паркет, справи за 40 илјади евра и им овозможивме на децата да тренираат. Ние бараме салата да остане на КГС Партизан како што сме се грижеле досега така и отсега, рече Љупчо Аранудов претседател на ФГС.
За овој проблем со гимнастиката, спорт исклучително попупарен меѓу битолчани и со значајни успеси на гимнастичарите, на последната седница на Советот советниците упатија прашање до градоначалникот Коњановски, кој пак одговори дека нема место за загриженост
-Дали ќе го нарушиме континуитетот на вековната традиција во Битола, гимнастиката, праша Борче Корлевски, советник од СДСМ.
-Не е едноставна работата, но ќе се разреши. Никој нема да ги избрка гимнастичарите, но треба да се почитуваат некои договри, правила, меѓусебни релации и односи, рече градоначалникот Коњановски.
Коњановски посочи дека Клубот на гимнастички спортови може да ја закупува салата во определени термини и утврден ценовни како и за останатите спортски клубови. Но, Арнаудов е категоричен дека салата која е единствена во Македонија, и каде се одржуваат првенства, не може да се користи за други спортови.
-Тоа е специјализирана сала за гимнастика, не може да има друго, има јами, има справи кои се анкерисани и не може да се поместуваат, вели Арнаудов.
Клубот за гимнастички спортови Партизан за в сабтоа најавува протест пред Општина Битола, на кој ги повикува гимнстичарите, нивните родители и други граѓани, да изразат револт од одлуката да се иселат од салата која со децении е храм на гимнастиката.
Емилија Мисирлиевски











