За да се смени сликата на Тетово, како „еден од најнечистите“ градови, со купишта смет и диви депонии, од сега со отпадот ќе се справува словенечка компанија на групацијата „Заубермахер“ (Saubermacher AG). Според договорот за јавно приватно партнерство со Општината, кој денес беше официјализиран, фирмата ќе треба да го собира и депонира сметот, да ги одржува јавните површини, а ќе преземе и дел од вработените во ЈКП кои работат во тој сектор.
„Приватниот партнер има обврска да ги преземе сите активности за собирање, транспорт и депонирање на отпадот. Ако општината обезбеди механизација, тогаш партнерот има обврска да го прифати, според договорот под пазарни услови. Таа опрема нема да биде дадена бесплатно, односно ќе се плати закуп. Околу 100 вработени ќе бидат преземени“, изјава Биљал Касами, градоначалник на Тетово.
Градот, во кој очигледни се комуналните проблеми, е предизик за приватниот партнер.
„Ние знаеме дека овде е предизвик и сметаме дека имаме доволно искуство да го донесеме градот на добро ниво. Затоа и влеговме во овој проект. Веруваме дека може да донесеме бенефит за жителите и градот. Ќе има напорна работа првите неколку години, но мислам дека ќе достигнеме високо ниво“, рече Андреас Опелт, претставник на групацијата „Заубермахер“
Инаку „ЈКП Тетово“, кое беше задолжено за хигиена на градот, тоне во долгови, поради што истото е во фаза на трансформација и формирање на нови правни субјекти.
Данијела Билбилоска











