Оценките во правосудството и борбата против корупцијата од кои зависи целокупниот тек на преговорите, како и пониските оценки од лани за напредокот на државата, се особено загрижувачки за Институтот за европска политика кои го анализираа извештајот на Европската комисија. Во анализата насловена „Разнишани темели на преговорите“, укажуваат дека наместо „одреден напредок“, доминантна оценка е немање напредок или „ограничен“ напредок.
ЕПИ оценува и дека во однос на фундаменталните права, како и повеќе години по ред, особено загрижува оценката за состојбата во затворите, полициските станици, во институциите за социјална грижа и во психијатриските установи. Комисијата предупредува дека овие состојби можат да се сметаат за повреда на Европската конвенција за човекови права за забрана на тортурата. За разлика од лани, кога беше забележан ограничен напредок во исполнувањето на преостанатите препораки на ОДИХР и Венецијанската комисија, во овој извештај ЕК констатира дека нема напредок во однос на нивното исполнување.
Од Институтот потенцираат дека и Планот за раст веројатно ќе биде условен со позитивни оценки во владеењето на правото, затоа мора да се обрне особено внимание на состојбите таму. За да се искористат придобивките од овој план, од клучно значење ќе биде и да се подобрат состојбите во економијата, да се постигне напредок во поглавјата што директно влијаат за поблиска интеграција со Единствениот пазар на ЕУ. Важно е, според нив, да се подобри оценката и во кластерот животна средина, кое е најскапото поглавје.
Далиборка Демјанска Цветановска











