Израел е нападнат од седум страни во досегашната војна во Појасот Газа, соопшти денеска израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант. Според него, израелските сили успеале да одговорат на шест фронта.
„Во војна сме на повеќе фронтови. Нè напаѓаат од седум различни подрачја – Газа, Либан, Сирија, Западниот брег, Иран, Ирак и Јемен“, рече Галант на состанокот на Комитетот за надворешни работи и одбрана во Кнесетот, пренесува „Тајм оф Израел“.
Галант додаде „дека никој нема имунитет од одговорот на израелската војска“.
„Веќе реагиравме и делувавме во шест од тие седум подрачја. Најјасно ви порачувам – секој кој дејствува против нас е потенцијална мета и никој ќе нема имунитет“, рече министерот за одрбана на Израел.
За војната во Газа рече оти ќе биде „долга и тешка“.
„Ако не ги оствариме нашите воени цели, ќе се најдеме во ситуација да имаме проблем дека луѓето нема да сакаат да живеат во место во кое не знаеме како да ги заштитиме“, изјави Галант, според кого на израелската војска и се потребни одлучност, издржливост, сила и национална кохезија во остварување на целите.











