Центарот на Белгород под црн чад. Оштетени се 60 објекти, опожарени над 30 автомобили, но има и жртви и повредени, објави гувернерот на регионот Вјачеслав Гладков. Пограничниот руски град околу 15 часот по локално време беше мета на гранатирање зад кое, според министерството за одбрана на Русија, стои Украина. Билансот е најмалку 14 загинати, меѓу кои две деца, и над 100 повредени лица од кои 15 се малолетници. Официјална Москва побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) која е закажана за вечерва во 22 часот по средноевропско време.
Сирените за воздушни напади и натаму се активни во градот на 25 километри од украинската граница и во кој живеат околу 300.000 жители. Локалните власти апелираа до цивилите да одат во засолништа и да избегнуваат престој на отворено. Руското министерство за одбрана објави дека во нападот се користени боеви глави со касетни бомби кои се забранети за употреба.
Од таму додаваат дека украинскиот напад на Белгород нема да мине неказнет и најавија одмазда. Засега нема коментар од официјален Киев за обвинувањата на Москва.
Нападот врз Белгород следува по еден ден од масовните напади на руските воздушни сили врз Дњепар, Одеса, Киев, Харков и Лвов кон кои беа лансирани 160 ракети и дронови и во кои загинаа најмалку 13 лица, а на повеќе од 60 беа повредени. Тие беа одмазда за украинскиот удар на рускиот воен брод Новочеркаск во пристаништето Феодосија на Крим. Но, и ден по благодарноста на Зеленски за Соединетите Американски Држави за последниот одобрен пакет воена помош од 250 милиони долари.
Сашко Димовски











