Иран соопшти дека извршил успешно лансирање на сателит во орбитата, програма за која Западот стравува дека ќе ги подобри балистичките ракети на Техеран. Сателитот „Сораја“ е поставен на околу 750 километри над површината на Земјата, а до таму беше пренесен со тристепена ракета Каем 100, соопшти државната новинска агенција ИРНА.
Лансирањето беше дел од вселенската програма на Иранската револуционерна гарда заедно со цивилната вселенска програма на Иран, се вели во извештајот.
Соединетите Држави претходно реагираа дека ваквата програма ќе ги унапреди способностите на Иран околу балистичките ракети и го повика Техеран да не презема никакви активности.
Санкциите на ОН поврзани со иранската програма за балистички проектили истекоа минатиот октомври.
Американската разузнавачка заедница во извештајот за 2023 година вели дека развојот на сателитски лансери „ја скратува временската рамка“ Иран да развие интерконтинентална балистичка ракета бидејќи користи слична технологија.











