Земјоделците ширум Европа блокираат автопатишта, протестирајќи против увозот на евтина храна од трети земји, како и укинувањето на даночните олеснувања за дизел горивото кое го користат. Најгласни се Французите, чија земја е европска земјоделска суперсила. Нивните протести траат со недели, незадоволството кулминираше со т.н „опсада на Париз“, односно блокада на сите копнени приоди кон француската престолнина.
„Земјоделците велат дека имаат проблеми со високите трошоци, дека нивните производи повеќе не им носат добивка како порано, и дека се соочуваат со увоз на сѐ и сешто, од кокошки до домати, исто и производи кои доаѓаат од Украина“, пренесува Џон Лестер, дописник на АП од Париз.
По руската инвазија на Украина, Европската унија значително го олесни увозот на украински производи, што беше уште еден аспект од помошта за земјата, но тоа предизвика сериозно нарушување на заедничкиот европски пазар, уривајќи ги цените на домашните производители. Најавениот нов договор за увоз од земјите од Јужна Америка ја прели чашата за европските земјоделци.
„Потпишувањето на договорот за слободна трговија со Чиле, Нов Зеланд и МЕРКОСУР нѐ повредува, бидејќи тие не произведуваат под истите норми кои ние ги почитуваме, тие може да ги преплават нашите пазари со производи кои навистина не се со истиот квалитет. Кога ние произведуваме, всушност, губиме пари, нашето производство чини многу пари, а принудени сме да продаваме по многу ниски цени поради нивните производи кои се увезуваат на нашите пазари“, изјави Николас Абелус, фармер од Белгија.
Голем дел од незадоволството произлегува од регулативата на Европската унија, но ниту националните влади не се поштедени од гневот на фармерите.
„Зошто земјоделците се последните кои смеат да добијат пристоен живот? Тоа е проади Европа, секако, но не треба да зборуваме само за Европа, мораме да зборуваме и за нашата влада, нашите национални власти, кои наместо да нѐ заштитат во буџетот предвидоа можност да нѐ хранат со брашно од штурци, и друго слично ѓубре кое не сакам ниту да го споменам“, смета Антонио Монфели, пензиониран земјоделец од Италија.
Стравувајќи од повторување на сценариото од Франција во нивните земји, Белгија и Италија со исклучителна внимателност се справуваат со блокадите на нивните фармери. Белгискиот премиер, чија земја во моментов претседава со ЕУ, најави дека проблемите на земјоделците ќе бидат ставени на агендата на следниот самит на унијата, која уште одамна е речиси целосно концентрирана на војната во Украина.
Игор Трајков











