Шведското јавно Обвинителство денеска соопшти дека се орткажува од натамошни истраги за експлозиите на гасоводоте „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“.
„Заклучокот на истрагата е дека Шведска нема надлежност и затоа истрагата треба да ја заврши“, се наведува во соопштението на шведското обвинителство, пренесува „Ројтерс“.
Неколку германски медиуми, меѓу кои и весниците „Цајт“ и „Зидојче Цајтунг“ вчера навестија дека шведското јавно Обвинителство веројатно ќе ги затвори истрагите за саботажа на гасоводите „Северен тек“ и „Северен тек 2“ во Балтичкото Море.
„Шведскиот јавен обвинител Матс Лунгквист очигледно сака да ја затвори постапката, а евидентно е дека шведските власти не успеаја да идентификуваат ниту еден конкретен осомничен во својата земја“, пренесе германскиот економски портал Виршавтсвохе.
Германската истрага за експлозиите на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ ќе продолжи и покрај откажувањето на Швеѓаните, објави „Ројтерс“.
Во септември во 2022 година беа забележани неколку експлозии во близина на островот Борнхолм во Балтичкото Море. Нешто подоцна се откриени оштетувања на гасоводите „Северен тек“ преку кој се транспортира руски гас во Германија. Истрага, покрај во Шведска и Германија, почна и Данска.











