Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Руското МВР поведе кривична постапка и распиша потерница по братот на Алексеј Навални

/

пред 977 дена

Сподели преку :

Нема мир за семејството Навални. Четири дена по смртта на 47-годишниот Алексеј, еден од најжестоките критичари на рускиот претседател Владимир Путин, руското МВР распиша потерница и поведе нова кривична постапка против неговиот брат Олег. Руските агенции за спроведување на законите не прецизираат по кој член од Кривичниот законик е поведен случајот.

Ова не е прв случај на руските власти против Олег Навални. Во 2014 година тој беше осуден на три и пол години затвор поради обвинение за измама, а во 2021 година беше условно осуден на една година зад решетки поради прекршување на санитарните и епидемиолошки мерки за ковид-19.

Платформата Икс, пак, во текот на денот го блокира налогот на сопругата на Навални, Јулија… Но, за помалку од еден час го деблокира со образложение дека „нејзиниот одбранбен механизам“ по грешка го означил оти ги крши правилата за користење на социјалната мрежа. Таа ги обвини руските власти за смртта на нејзниот сопруг кој служеше затворска казна од 30 години за „основање и финансирање на екстремистичка организација“, но и за други дела.

Руските власти информираа дека телото на починатиот Навални ќе биде предадено на семејството по две недели. Мајката на Алексеј била информирана дека телото е задржано на „хемиска анализа“. Но, каде се наоѓа телото нема потврда од руските власти. Таа денеска му се обрати директно на Путин.

„Зад мене е казнената колонија ИК-3 „Поларен волк“, каде мојот син Алексеј Навални почина на 16 февруари. Не можам да го видам пет дена, тие не ми го даваат неговото тело, а тие не ми кажуваат ни каде е. Се обраќам кон тебе, Владимир Путин, одговорот на прашањето зависи само од тебе. Дозволете ми конечно да го видам син ми. Барам телото на Алексеј веднаш да биде дадено за да можам човечки да го погребам“, рече мајката на Алексеј Навални.

Белата куќа соопшти дека подготвува нов пакет санкции кон Русија како одговор на смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални кои ќе бидат објавени во петок.

Неколку европски земји ги повикаа руските амбасадори на консултации со порака „Русија е одговорна за смртта на Навални“. Берлин од Москва побара ослободување на сите политички затвореници. Додека во Русија се уапсени стотици поддржувачи на  Навални, во центарот на Рим илјадници луѓе со свеќи во рацете го изразија својот гнев по смртта на рускиот опозициски лидер.

Поради целосното задушување на опозицијата и независните медиуми, недостатокот на кредибилни алтернативни кандидати и отсуството на меѓународен надзор, претстојните претседателски избори во Русија, според европските дипломати нема да бидат ниту слободни ниту фер.

Сашко Димовски