„Илјадници мигранти од трети земји чекаат да ја минат границата и да влезат од територијата на Русија“ – соопштија финските власти. Минатата година оваа скандинавска земја ги затвори сите премини на границата што е долга 1340 километри поради зголемениот бран бегалци коишто немале валидни документи за влез во Европската унија.
Хелсинки ја обвинува Москва за проследување на мигрантите на финската граница, а Кремљ категорично ги негира таквите тврдења. Покрај тоа, властите се незадоволни и од законодавството на официјален Брисел коешто, како што велат, не нуди соодветно решение за проблемот кој трае подолг период.
Засилени мигрантски карвани се очекуваат во пролетниот период поради порастот на температурите и топењето на снегот.
Од август до декември лани, од Русија во Финска влегле над 1300 азиланти од Јемен, Сомалија и Сирија. Од таа бројка, властите и натаму не можат да лоцираат 160 мигранти така што се претпоставува дека тие заминале во некоја друга европска земја.











