Двајцата кандидати за претседател од албанската заедница Арбен Таравари и Бујар Османи споделуваат исто барање: укинување на претседателските избори и консензуален избор на претседател во Собранието. Двете најголеми партии во државата – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се против тоа. Уверени се дека го имаат вистинскиот кандидат за претседател зад кој ќе застане мнозинството граѓани од сите заедници.
Пред гласачите еден против друг, но во изјавите еден до друг. Арбен Таравари и Бујар Османи `се уште не ги објавиле своите изборни програми и ветувања што би ги реализирале доколку добијат гласови за претседател, но настојуваат да ги придобијат потписите на гласачите со едно исто барање: непосредните избори да преминат во собраниски консензуален договор меѓу партиите.
Таравари потсетува дека имаме парламентарен систем и дека ингеренциите на шефот на државата не се толку големи. Слични се како во Албанија и Косово, а таму се гласа за претседател во Собранието.
ДУИ имаше слично барање и на претходните избори. Сега, Османи бара улогата на татко на нацијата да се добие врз основа на еднакви можности. Двајцата тоа го наметнуваат како услов за коалицирање во Влада.
Двете најголеми партии се против.СДСМ тоа го одбила и при изборите 2019-та.
ВМРО ДПМНЕ го нарече овој предлог национал-романтичарски и нема намера да разговара и преговара под уцена. Сметаат дека ДУИ го предлага во недостиг на реални аргументи и проекти за суштинските проблеми на граѓаните.
На 24-ти април треба да се одржат седмите претседателски избори со непосредно изјаснување на граѓаните. Интерес покажаа 13 потенцијални кандидати. За да биде верификувана нивната кандидатура во ДИК, потребно е да приложат 30 потписи на пратеници или 10 илјади потписи од граѓани.
Соња Николовска











