Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска го поздрави унгарското одобрување за членство на Шведска во Алијансата, откако унгарскиот парламент го ратификуваше шведското барање.
Столтенберг нагласи дека проширувањето на НАТО во Шведска ќе ја направи Алијансата посилна и побезбедна.
Парламентот на Унгарија денеска го одобри законот со кој и се дозволува на Шведска да се приклучи на НАТО, со што конечно се отвори патот на таа нордиска земја да се приклучи на западната одбранбена алијанса.
Унгарскиот парламент денеска гласаше за ратификување на кандидатурата на Шведска за приклучување кон Североатланската алијанса (НАТО), ставајќи крај на повеќе од 18-месечните одложувања што ја фрустрираа Алијансата додека се обидува да се прошири како одговор на руската војна во Украина, објави АП.
Гласањето, кое помина со 188 гласа „за“ и шест „против“, дојде како кулминација на повеќемесечните „натегања“ на сојузниците на Унгарија за да ја убедат унгарската влада да ја укине блокадата за членство на Шведска.
Владата на премиерот Виктор Орбан ги достави до парламентот протоколите за одобрување на влезот на Шведска во НАТО во јули 2022 година, но работата заглави во парламентот поради противењето на претставниците на владејачката партија.
Приемот на нови земји бара едногласна поддршка од сите членки на НАТО, а Унгарија е последната од 31 членка на алијансата која ја даде својата поддршка откако Турција го ратификуваше барањето минатиот месец.











