Економска, политичка и социјална рамноправност меѓу жените и мажите – борбата што ја почнаа активистките Клара Цеткин и Роза Луксембург во минатиот век продолжува и денес. Пораката во светски рамки останува иста: поголема вклученост и улога на жената во сите општествени сегменти. Меѓународниот ден на жената годинава повторно одбележан со протести и собири во повеќе земји.
Во Џакарта, Индонезија, на годишниот марш организиран од феминистичките и работничките групи, стотици мажи и жени изразија загриженост за состојбата во општеството и демократските вредности. Пред помалку од еден месец во земјата којашто се смета за трета по големина демократија на глобално ниво беа одржани претседателски и парламентарни избори. На нив, врз основа на неофицијални податоци, победа прогласи Прабово Субијанто, поранешен генерал на специјалните сили кој се поврзува со непочитување на човековите права. Од Агенцијата за надзор на изборите, демонстрантите се упатија кон претседателската палата каде што ја повикаа владата итно да ја усвои конвенцијата на Меѓународната организација на труд којашто се однесува на елиминирање на насилството и малтретирањето на работните места. Револтирани се и од зголемувањето на цените на храната, ниските плати и намалениот животен стандард во земјата.
„Особено за работничките, во последните десет години за време на администрацијата на претседателот Јокови, имаме омнибус закон. Гледаме дека статусот на работниците стана флексибилен, работиме без никаква сигурност, со кратки договори за вработување, минимални плати и не сме платени за прекувремена работа“, изјави Хихан Фатиха.
Протести и во Јужна Кореја. Граѓаните на Сеул бараат поголема активност на владата во однос на родовата еднаквост и ги повикаа гласачите својата поддршка на претстојните избори да им ја дадат на политичките партии што се борат за правата на жените.
„За еден месец, во Јужна Кореја ќе се одржат парламентарни избори. Овде сме за да се дискутира за родовата нееднаквост и другите прашања за жените во текот на изборниот период. На жените во Јужна Кореја им порачуваме да гласаат за кандидатите и партиите коишто ја вреднуваат родовата еднаквост“, изјави Ох Кјунг Џин, генерален-секретар на Здружението на жени.
Меѓународниот ден на жената за прв пат беше одбележан во 1909 година во САД.
Маја Стојаноска-Филдишев











