По неполни четири години работа, едногласно се самораспушти десеттиот состав на хрватскиот парламент.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека парламентарните избори ќе се одржат на крајот на април или почетокот на мај, но пред европските избори.
Заедно со парламентарните избори, годинава на 9 јуни во Хрватска ќе се одржат и европски избори, а на крајот на годината претседателски.
Одлуката за распуштање на Парламентот е донесена едногласно, со 143 гласа, додека претседателот на Саборот Гордан Јандроковиќ се заблагодари за соработката.
Собранието пред распуштањето донесе измени на казненото законодавство со кои како кривични дела се воведуваат фемицидот и неовластено објавување содржина од истражни и доказни дејствија, т.н. протекување информации.
Десеттиот состав на парламент беше конституиран на 22 јули 2020 година.
Новото, 11. свикување на хрватскиот Сабор ќе се избира на парламентарни избори, кои ќе ги распише претседателот на Републиката, Зоран Милановиќ.
Владејачкото мнозинство претходно пред две недели го отфрли предлогот на опозицијата за распуштање на Собранието.
Од 151 пратеник во хрватскиот Сабор, 140 се избираат во десет изборни единици во Хрватска. Тројца ги избира дијаспората, односно гласачите кои не живеат во Хрватска, а осум места се резервирани за претставниците на националните малцинства, кои се избираат во посебна, 12-та изборна единица. Меѓу нив има три места за претставници на српското национално малцинство.











