Украинските власти соопштија дека нивните сили денеска погодиле два десантни брода, комуникациски центар и друга инфраструктура што ја користи руската црноморска флота кај анектираниот Крим, пренесува „BBC“.
Во соопштението на украинскиот генералштаб се вели дека се уништени бродовите „Јамал“ и „Азов“.
Гувернерот на пристаништето Севастопол, поставен на позицијата од Русија, рече дека биле соборени 10 украински проектили.
Русија, исто така, рано утринава изврши ракетен и напад со беспилотни летала врз главниот град Киев и регионот на Лавов.
Жителите на Киев се засолниле во метро станиците бидејќи нападот започнал во 05:00 часот наутро.

Официјални лица рекоа дека нивната одбрана таму соборила 18 руски ракети и 25 беспилотни летала. Според нивните извештаи причинета е мала материјална штета.
Околу 20 руски ракети и седум беспилотни летала гаѓаа „критична инфраструктура“ во западниот регион Лавов. И таму се вели дека не е забележана позначителна штета.
Делови од крстаречка ракета паднале во парк во Киев.

Русија го анектира Крим во 2014 година и започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Во изминатите неколку дена има зголемување на воздушните напади од двете страни, иако Русија бавно напредува во преземањето на одредена територија на истокот на земјата.
Во петокот Русија истрела десетици проектили кон Украина, погодувајќи ја една од најголемите брани во земјата и оставајќи милион Украинци без струја.











