Израелски воздушен напад погоди куќа во центарот на Рафа при што загинаа најмалку две деца, соопштија здравствените власти во земјата.
Телата на загинатите деца се пренесени во болницата Абу Јусеф ал-Наџар.

„Тие играа потоа ги одведов во кревет. По што следеше бруталниот напад. Ги бомбардира и загинаа. Децата се нивна мета. Ова дете, која е неговата вина? Детето сака играчка за да си игра. Сака да си игра и трча“, раскажува низ солзи нивната баба Фајза Абу Шанаб.

Министерството за здравство на Газа во средата соопшти дека телата на 33 лица убиени од израелските напади биле донесени во локалните болници во изминатите 24 часа.
Болниците примија и 57 ранети, се вели во дневниот извештај.
Со тоа вкупниот број на палестинци загинати од војната меѓу Израел и Хамас се искачи на најмалку 34.568.

Уште 77.765 се ранети, се вели во соопштението на Министерството за здравство под раководство на Хамас кое не прави разлика дали жртвите се цивили и борци на милитантната организација, но она што е важно и постојано се потенцира е дека најголем дел од загинатите или две третини се жени и деца.
Израелската војска соопшти дека убила 13.000 милитанти, без да обезбеди докази за да го поткрепи ваквото тврдење.
Војната беше поттикната од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври во кој беа убиени 1.200 луѓе, а околу 250 луѓе беа земени како заложници.













