Траорни сцени утрово пред основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград каде родителите на убиените деца и голем број граѓани, пријатели и роднини се собраа да им оддадоа почит на жртвите од масакрот во кој беа убиени девет деца и едно возрасно лице вработено во училиштето.
Точно пред една година на денешен ден рано утрото Коста Кецмановиќ го почна својот крвав поход кој ја потресе нацијата но и регионот.
Српските медиуми утрово ја прекинаа телевизиската и радио програмата во 08 часот и 41 минута, точно во моментот кога пред една година почна крвавиот пир. Со тоа и официјално почна комеморативниот ден, што се одбележува под слоганот „Будење“.
Иако можеме да кажеме дека изминатава година е година во која пропуштивме многу шанси подобро да реагираме и на ниво на држава, влада и на ниво на министерства и на општествено и граѓанско ниво. Мислам дека никогаш не е доцна да застанеме, или што би им рекле и на децата, да наведнеме глава и да пробаме во следниот период да не ги повторуваме истите грешки, вели Александар Баукал, професор по психологија.
Целодневниот настан во близина на училиштето вклучува уметнички инсталации, панел дискусија и кратки филмови за жртвите.
На влезот во училиштето поставена е ликовна инсталација „Вел на плачот“, на која се испишани имињата на жртвите, а граѓаните во спомен на загинатите ќе можат да поминат низ таканаречениот „простор на тишината“, кој зафаќа неколку улици и дел од Ташмајданскиот парк.
Ваквата трагедија има трауматично влијание врз секој што има каква било поврзаност со тоа училиште. Децата, родителите и семејствата на оние кои моментално одат во тоа конкретно училиште, тие се исто така жртви на оваа трагедија, додава Баукал.
Пукањето ја запрепасти Србија. На балканската нација не и беше непознат насилниот криминал, но масовните пукања се ретки, а такви инциденти до сега не се случиле во училиште.
Убиецот Коста Кецмановиќ една година е во ментална установа, а поради возраста злосторството кое го стори не може да му се смета за кривично дело.
Една година подоцна, тој е во детска психијатриска клиника, а се подготвува закон со кој евентуално никогаш нема да излезе од таму. Неговите родители се на суд, неговиот татко се соочува со дванаесет, а неговата мајка две години затвор.
Александар Петрески











