Словачкиот премиер Роберт Фицо повеќе не е во животно загрозувачка состојба откако хирушкиот зафат врз него поминал успешно соопштија властите во земјата.
Тој беше застрелан неколкупати од непосредна близина додека се поздравуваше со дел од своите поддржувачи во градот Хандлова. Во инцидентот Фицо бил погоден во стомакот, раката и ногата.
Директорката на болницата во Бањска Бистрица, Миријам Лапуникова изјави дека премиерот на Словачка, Роберт Фицо, врз кого вчера беше извршен атентат, има повеќе прострелни рани.
- Операцијата траеше пет часа, учествуваа две оперативни екипи. Пациентот има повеќе прострелни рани. Во моментов неговата состојба е стабилна, но многу сериозна, рече Лапуникова.
На местото на престрелката приведен е и атентаторот, станува збор за 71-годишниот Јурај Цинтула, познат писател и опозиционер, кој не се согласувал со политиките на владата.
Извршителот на нападот бил основач на литературен клуб и член на Друштвото на словачки писатели.
Скај њуз објави дека тој претходно работел како обезбедување во трговскиот центар.











