Израел денеска ќе одговора на обвиненијата за геноцид пред Врховниот суд на Обединетите нации, откако Јужна Африка поднесе итно барање до судот да нареди прекин на огнот во Газа. Ова е трет пат Меѓународниот суд на правдата да ги сослушува претставниците на Израел.
Вчера Јужна Африка пред судот изјави дека ситуацијата во Газа достигна „нова и ужасна фаза“ и ги повика 15-те судии да преземат итна акција. Пред судот во Хаг Јужна Африка поднесе четири барања за истрага против Израел. Според последното барање, земјата вели дека воениот упад на Израел во Рафах го загрозува „самиот опстанок на Палестинците во Газа“.
За време на предходните сослушувања Израел категорично негираше дека извршил геноцид во Газа, велејќи дека прави се за да ги поштеди цивилите и дека е насочена само кон милитантите на Хамас. Израел вели дека Рафа е последното упориште на милитантната група.
И додека и други земји најавуваат да се приклучат на тужбата на Јужна Африка, нов притисок врз Израел од шефовите на дипломатиите на 13 земји, пред се членки на Г-7. Тие ја повикуваат владата на Нетанјаху да направи се што е во нејзина моќ за да ја ублажи катастрофалната и влошената хуманитарна криза во Појасот Газа.
Израелскиот премиер, пак, со цел да им го подигне борбениот дух на своите, по смртта на петмина воиници, ја посети базата Бнеи Нецарим и уште во авионот рече дека борбите во Рафа се „критични“ за Израел во неговата офанзива во Појасот Газа.
- Битката во Рафа е критична. Не се само останатите нивни баталјони, туку и нивните тунели за кислород за бегство и снабдување. Оваа битка, од која вие сте составен дел, е битка која решава многу работи во оваа кампања. Повторете: сега сме во критична битка, рече Бенјамин Нетанјаху.
Израелската војска објави снимка која ги прикажува воени воздушни напади во Појасот Газа, како и борбите на војниците во копнената офанзива. Во меѓувреме, за прв пат по долго време камиони со неопходната хуманитарна помош за Појасот Газа премина преку новоизграденото пловечко пристаниште на САД во опколената енклава. Израелските ограничувања на граничните премини и тешките борби го попречија снабдувањето со храна до луѓето таму. Поголемиот дел од населението на Газа од 2,3 милиони луѓе е раселено од почетокот на борбите. Според ОН околу 600.000 Палестинци се протерани од Рафа од почетокот на минатата недела. Во седуммесечната офанзива убиени се повеќе од 35.000 луѓе во Газа. Израел тврди дека милитантите сè уште држат околу 100 заложници.
Билјана Ставрова











