Околу 370 милиони граѓани на земјите кои се членки на Европската Унија ќе можат да гласаат на изборите кои ќе започнат оваа недела. Тие гласаат за нов состав на Европскиот парламент, а изборите се одржуваат од 06-ти до 09-ти јуни во сите 27 земји членки на Унијата.
Директните избори се воведени во 1979-та година кога на изборите излегле 62% од гласачите, но, од избори во избори процентот на гласачи варира. Целта е да има поголема излезност, минатите избори во 2019-та излезноста била 50.6%, а најниска излезност е забележана во 2014-та, 42,6 %. Околу 71% од граѓаните кои живеат во рамките на ЕУ сметаат дека нивната земја има бенефит затоа што е членка, но тој број не се одразува кога станува збор зa излезност на гласање.

Според анкетата презентирана од страна на Европскиот Парламент (Тhe presentation on the European elections Philip Schulmeister, Director for Campaigns, Directorate General for Communication, European Parliament) од граѓаните на ЕУ, 73 % очекуваат нивниот личен стандард на живеење дополнително да се намали во 2024-та година во споредба со март 2023-та. Главните теми за кои луѓето сакаат да слушнат во кампањата се борба против сиромаштијата, јавното здравје, поддршката на економијата, одбраната и безбедноста.
Но, темите на интерес се разликуваат од земја во земја. На пример во Португалија, Хрватска и Романија главна тема на интерес е поддршка на економијата во отварање на нови работни места, во Шведска, Финска и Литванија е безбедноста на ЕУ. Како што се разликуваат темите на интерес така се разликува и процентот на излезност од земја во земја.

На пример гласањето во Белгија и Луксембург е задолжително па на минатите избори имаше 90% излезност додека во Словачка и Чешка не стасува ни до 30% . Проценката е дека на изборите би излегле околу 60% од граѓаните на ЕУ а би се избрале 720 пратеници што е за 15 пратеници повеќе од изборите во 2019-та, но бројот на пратеници од секоја земја е различен и зависи од големината на земјата членка..
Десницата во подем ?
„Искористи го својот глас“ е мотото на кампањата. Кон ова тежнеат и левицата и десницата и партиите од централниот блок. Иако се изборите национални потоа тие пратеници се здружуваат со своите истомисленици-сестрински партии и прават таканаречени блокови. Така партиите стануваат транснационални и се поделени во седум групи во Европскит парламент: Европската народна партија (ЕПП) , Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (С&Д), Да ја обновиме Европа (Обнова), Европските конзервативци и реформисти (EЦР), Идентитет и демократија (ИД), Зелениот европски слободарски совет и Европската обединета левица-Нордиската зелена левица.
До сега секогаш во предност биле групите предводени од германската ЦДУ која коалицира со социјалдемократски партии но и либералите и Зелените. Но дали овој пат ќе има поголемо влијание десницата со оглед на нејзиниот подем во неколку европски земји како што се Франција со Мари Ле Пен, Италија на Џорџа Малони или Холандија која доби коалициска влада на чело со десничарот Герт Вилдерс? Анкетите најавуваат дека десницата ќе има пробив .
Премиерката на Италија Џорџа Малони смета дека изборите за Европскиот парламент се пресвртница кон ера на десницата во ЕУ. Нејзината цел е да се изгради десничарска влада во Европа а Италија да биде таа што ќе ја направи промената.
„Се наоѓаме пред пресвртница и изборите се некој вид референдум меѓу двете спротивставени визии за Европа“, изјави таа во центарот на Рим за време на последниот предизборен митинг на својата партија Браќа на Италија.

Медиумите веќе пишуваат дека досегашната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, повторно сака да се кандидира за оваа позиција. За да стаса до уште еден мандат и требаат најмалку 361 глас од 720-те европратеници. Иако предвидувањата се дека нејзината партија ЦДУ е дел од блокот на ЕПП кој би освоил најмногу места, 170, сепак ќе мора да го обезбеди мнозинството со либералната група, социјалистите и демократите-предвидува бриселскиот портал ,, Политико“. На адреса на Фон дер Лаен стасаа и критики за нејзино зближување со Мелони и ЕЦР. Трговијата во бриселската политика ќе биде голема и неизвесна предупредуваат аналитичарите.
Од друга страна се смета дека политичките групации кои околу себе ја имаат десницата и крајната десница како што е Националното обединување на Мари ле Пен и Лигата на Матео Салвини, како и ЕЦР ќе го зголемат бројот на пратеници со што би ја зазеле четвртата и петтата позиција во Европскиот парламент. Европските избори започнуваат во четврток во Холандија, и ќе траат се до недела, кога ќе гласаат најголемиот дел од земјите членки. Германија би имала 96 пратеници , Франција 81, Италија 76 ,Шпанија 61, како земји со најмногу пратеници а најмалку по 6 пратеници имаат Кипар, Лиуксембург и Малта.











