Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Два месеци без плата вработените кои преминаа од Агенцијата за спорт и млади во Министерството за спорт

/

пред 773 дена

Сподели преку :

Четириесетина вработени во Агенцијата за спорт и млади, кои преминаа во новоформираното Министерство за спорт веќе два месеци не зеле плата, а може да останат и без третата. Цел месец немаат ниту здравствено осигурување поради проблеми со трансформацијата на нивниот работен однос од Агенцијата во новоформираното Министерство за спорт.

Министерот Борко Ристовски вели дека процедурата за трансформација е при крај и оти до крајот на наредната недела сите ќе добијат нови решенија и ќе ги добијат заостанатите плати.

Со измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, беше укината Агенцијата за спорт и млади, а беше формирано Министерство за спорт.

Вработените во Агенцијата, кои вршеле работи од областа на младите, преминаа во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а вработените кои се занимавале со спорт преминуваат во новоформираното Министерство за спорт.

Оние кои преминаа во Министерството за спорт не зеле плата за јуни и за јули, а од почетокот на август немаат ниту здравствено осигурување.

Министерот за спорт Борко Ристовски вели дека по донесувањето на ребалансот на буџетот, почнал делбен биланс со Министерството за социјала, демографија и млади, кои се правни наследници на Агенцијата. Според него, усогласувањето е направено во најкус можен рок.

„По донесување на нова систематизација ќе следат решенија, трансфер на вработените и исплата на сите заостанати плати за кои се обезбедени средства“, вели Ристовски во писмената изјава.

Собранието ги донесе измените на Законот за органите на државната управа на 7 јуни, два дена подоцна претседателката го потпиша, а на 10 јуни беше објавен во Службен весник. Кон крајот на јуни, биле одземени печатите од Агенцијата, а досегашниот директор Наумче Мојсовски беше разрешен на 7 август.

Министерот Ристовски вели дека процедурата за бришење на Агенцијата за спорт и млади од Централниот регистар е во тек, по што ќе биде изгасната и нивната банкарска сметка, а парите ќе ги преземе министерството.

Срѓан Стојанчов