Три дена вонредни засилени инспекциски контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство во Старата скопска чаршија, најпосетувана туристичка дестинација во главниот град, на пазарот Бит пазар, Пластичарската улица, па се до Чаирчанка. Спроведени контроли кај 62 оператори- кафе барови, ресторани, сендвичари, гостилници, слаткарници, ќебапчилници,пекари, чајџилници и слично. Само за време на викендот во Скопје се уништени 640 килограми храна од животинско потекло која е небезбедна. Во тридневните вонредни контроли се издадени 33 решенија за утврдените недоследности и изречени се 14 парични казни.
Глобата се одредува во зависност од големината на правниот субјект, како се регистрирани во Централен регистар, микро, мал, среден или голем и во зависност од прекршокот. Паричните глоби се движат од 150 до 10.000 евра. Во два објекта имаме забрана затоа што нема никаков документ, не се регистрирани како оператор со храна, во 14 објекти има решение за наредба за забрана за вршење дејност и до исполнување на неусогласеностите врз основа на инспекцискиот надзор кој го имаат направено нашите инспектори изјави телефонски Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство
Високите тепмератури и опасноста од небезбедна храна причина за засилени вонредни контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство во угостителски објекти во целата држава. Кај некои оператори има недоследности во однос на хигиената за што е наредено спроведување на мерки за чистење, дезинфекција, дел од нив немале санитарни книшки, во одредени е забележано ставање во промет на небезбеден производ, чување на храната на несоодветна температура.
Во месарница во Охрид пак поради нечитка декларација и пласирање на небезбеден производ нештетно се уништени 10, 7 килограми смеса од мелено месо. На правното лице му е изречена глоба од 1000 евра, а на одговорното лице дополнителни 400 евра казна во денарска противвредност.
Нина Стефанова











