Без џентлменски договор за тајмингот на закажаните настани, во исто време- 11 часот и 30 минути, опозицијата одржа протест пред МОН, со барање за зголемување на платите на наставниците во септември за 12, 15 %, согласно Законот за минимална плата, порастот на трошоците за живот и колективните договори.
А, во министерството , министерката за образование и наука ги објаснуваше причините зошто нема пари за зголемувањето на примањата на вработените во образованието.
Борбата за подобар животен стандард и достоинство на наставниците е борба за идните генерации, порачаа наставниците од Паркот на новинарите, потсетувајќи дека претходната власт им ги зголемила платите за над 55% и укажувајќи дека имало притисоци од актуелната гарнитура да не дојдат на протестот.
-Просветните работници не сакаат да бидат потценети, девалвирани и уценети . Пренатрупани со технички активности, кои ги одвлекуваат од суштината на воспитно – образовниот процес, порача наставничката розалија ангеловска.
-Ветувања за зголемување на платите и подобрување на животниот стандард доаѓаа и од страна на министерката за образование и наука Весна Јаневска, која тоа го ветуваше додека беше во опозиција. Сега во премногу удобната фотелја, заборави на нас, наставниците, порачаа присутните наставници, рече петре трајковски, наставник во средно образование.
Додека власта најавува ангажирање во новата учебна година на над 1000 образовни асистенти за учениците со попреченост, од протестот стигна реакција дека на досега 700 искусни асистенти кои не се партиски послушници им било кажано дека ќе бидат одјавени од училиштата и да се пријават во Агенцијата за вработување.
Досега околу 700 деца со попреченост, учебната година ќе ја започнат без асистенти и ќе останат невработени лица без плата и здравствено. Сите се во неизвесност и не знаат што ги очекува, рече наставничката Весна баковска.
А, претседателот на опозициската СДСМ, Филипче рече дека непокачувањето на платите во образованието од страна на власта значи запоставување на секторот.
Владата нема оправдување што наставниците ја започнуваат школската година без покажени плати, би рекол понижени, запоставени и навредени од страна на владата. Мицкоски јасно покажува дека го запоставува образованието, ги запоставува оние што ни ги учат и образуваат децата, рече филипче.
А, министерката за образование, Јаневска, на прес конференцијата кажа дека нема пари за зголемување на платите за 12% зашто наишле на дупка во буџетот од 5 милијарди денари. И дека со ребалансот успеале да обезбедат 900 милиони денари за плати на наставниците и за исплата на стипендии, субвенциониран оброк , за превоз, за плати на образовните асистенти , за награди и за други заостанати долгови кои што со недомаќинското работење на претходната власт останале неисплатени.
Таа протестот пред МОН го квалификува како манипулација на наставниците и безобразно однесување на оние кои не обезбедиле услови за зголемување на нивните плати.
И додека трајат препукувањата на релација власт и опозиција околу зголемувањето на примањата во образованието, продолжува дијалогот на релација СОНК- влада. Но, од СОНК за РСЕ кажаа дека до сега не добиле конкретен предлог од владата , како замена за неможноста наставниците да добијат цело покачување од 12, 15 %. А, министерката го најави тоа што е извесно.
Во овој момент она што сигурно може да се направи , а тоа е нивелирањето од 0, 5% што сите наставници во септември ќе го добијат, без исклучок. Во постојан контакт сме со министерката за финансии . Таа прави силни напори . Но, јас ве молам да разберете дека државата, економијата беше во слободен пад. Дека овие 2 месеци се обидуваме да ја стабилизираме, рече министерката јаневска.
Јаневска апелираше до наставниците да го издржат периодот до март, за кога е најавено зголемувањето на платите и да ја пребродат кризата од несовесното менаџирање во ресорот.
СОНК се огради од денешниот протест и не учествуваше, со објаснување дека е за собирање партиски поени, а Независниот синдикат за образование, за утре најави протест во Битола, за зголемување на платите на наставниците.
Сотир Трајков











