Министерот за јавна администрација Горан Минчев не ја исклучува можноста од укинување на балансерот кој сега гарантира правична застапеност на немнозинските заедници. Во интервју за Радио Слободна Европа вели дека Балансерот засега останува на сила, иако последниот извештај на Европската унија покажува дека балансерот се злоупотребува.
„Јас и досега кажав дека во минатото Балансерот бил предмет на злоупотеба, односно имаме случаи каде што Македонци се пишувале Албанци, Албанци се пишувале Македонци, припадници на други етнички заедници, што значи Балансерот практично веќе ја губи својата намена за што е создаден“, изјави Горан Минчев, министер за јавна администрација.
Со промената на власта и доаѓањето на Минчев на министерската позиција, Балансерот беше променет и сега во него е впишано само резидентното население, а не како претходно вкупното население, според податоците од последниот попис. Но, во интервјуто Минчев алармира ии за други проблеми во администрацијата. Вели постојат институции со голем број на вработени, а од нив само 30 проценти работат. Укажува на партизација на администрацијата во која сега има многу нелогичности. На пример, во некои институции има 15 вработени, а управни одбори од 7 члена кои земаат плата повеќе од 2.000 евра, а имаат седница само еднаш во годината.
„Ние со преземањето на власта затекнавме многу вработени лица кои практично не доаѓале, но пумпале средства од Буџетот на Република Северна Македонија. На пример, во Министерството за јавна администрација и за дигитална трансформација, при самото преземање на министерствата или создавањето на министерствата, се соочивме со фактот дека имаше 16 вработени за кои никој не знаеше“, додава Минчев.
Според официјалните податоци во јавниот сектор има 160 илјади вработени, од кои 30 илјади се со договор на дело. Според Минчев намалување на јавната администрација е комплициран процес кој треба да се реши системски.
Тамара Марковска











