Транспаренси Интернешнл-Македонија ја изразува потребата од јавна реакција во врска со Извештајот за работа на јавните обвинителства во РСМ за 2023 година.
Од таму велат имајќи го предвид Законот за заштитата на укажувачите, Јавното обвинителство има доделени надлежности да воспостави безбедносен канал за надворешно пријавување од страна на укажувачите.
Дополнително, додаваат, согласно законот, Обвинителството е една од институциите којашто е надлежна да обезбеди заштита од било каков вид на повреда на право или штетно дејствие, или опасност од настапување на штетни дејствија заради извршеното заштитено внатрешно и надворешно пријавување или заштитено јавно пријавување.
Реагираат дека последниот годишен извештај за 2023 година, којшто беше јавно објавен и поднесен во Сообранието, не содржи ниту една информација којашто се однесува на поимот укажувач.
– Дополнителна информација што треба да биде јавно објавена и лесно достапна на укажувачите се информациите за назначени лица за прием на пријави од укажувачи во институцијата. Таква информација на официјалната веб страна на ЈОРМ нема или евентуално е поставена на позиција којашто не е лесно видлива. Јавното обвинителство на Република Северна Македонија како орган со надлежности да ги гони сторителите на кривични дела, како и сузбивање на корупцијата во државата, може значително да придонесе во заштитата на укажувачите. Затоа сметаме дека е од исклучително значење оваа институција да се вклучи активно во промовирање на Заштитата на укажувачите како и нивното значење во едно општество, се вели во реакцијата на Транспаренси.
Потенцираат дека борбата со корупција и организираниот криминал е во интерес на сите чинители во општеството и затоа е потребна заедничка континуирана и посветена работа и дејствување во насока на намалувањето на истата.











