„Денеска ќе му биде врачен демарш на амбасадорот на Бугарија“, одговори премиерот Христијан Мицкоски на прашањето зошто при посетата на претседателката Силјановска Давкова на Софија немаше истакнато македонско знаме.
„Во минатото кога се понижуваше и распродаваше достоинството македонско тогаш се молчеше, се виткаше кичма и се соблазнуваа со тие кои не понижуваа и газеа. Сега дипломатски се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме политика меѓународна или пак дипломатска со свиткана кичма, тогаш кога ќе се помине црвената линија тогаш треба и да се реагира, затоа што ако не реагирате, тој исклучок понатаму ќе стане пракса. Она што е поважно за мене, Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери Бугари во Устав, тоа е најмалиот проблем, многу е поголема потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери. Онојпат кога ќе видиме дека се поминати црвените линии тогаш ќе мораме да интервенираме и денеска тој демарш ќе биде врачен на амбасадорот на нашиот источен сосед“, рече Мицкоски.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) денеска ќе го повика бугарскиот амбасадор во државава Желјаско Радуков за фотографирањето пред бугарското знаме на претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска на средбата завчера во Софија.
А шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски закажа брифинг со новинарите за досегашните и идните активности, како и за актуелни прашања од доменот на работата на МНРиНТ.
МНР ќе бара објаснување од бугарскиот амбасадор за постапката на Радев











