Израел се воздржува од коментар, додека Хезболах го обвини за вчерашните експлозии на пејџери ширум Либан и Сирија. Илјадници пејџери на припадници и соработници на либанската милитантна организација Хезболах експлодираа речиси во исто време, при што загинаа 12 лица, од кои две деца.
Меѓу повредените е и амбасадорот на најголемиот спонзор на Хезболах, Иран.
„Бројот на повредени е речиси 3.000. Многумина од нив имаат повреди на лицето, очите и рацете. Се прават проценки на овие случаи за да се утврди дали некои од нив треба да бидат евакуирани и дали треба да бидат испратени во специјалистички болници во Ирак или во други држави за да им биде пружена потребната медицинска помош, изјави Фирас Абиад, в.д. Министер за здравство на Либан.“
Хезболах одамна ги напушти мобилните телефони како средства за комуникација поради безбедносни причини, затоа што се релативно лесни за хакирање и следење.
Пејџерите беа воведени во употреба од Хезболах уште во 1996 година, по атентатот врз нивниот главен бомбаш, Јајха Ајаш, кој беше ликвидиран кога неговиот мобилен телефон му експлодира во рацете.
Либанските власти упатија жестоки обвинувања против Израел. Премиерот Наџиб Микати изјави дека ова претставува сериозно нарушување на либанскиот суверенитет и злосторство во секој поглед, додека Хезболах се закани со одмазда, но ова претставува тежок и срамен удар за организацијата.
САД негираа било каква вмешаност или знаење за овој напад, кој доаѓа само два дена откако Израел порача дека неговиот фокус се насочува кон нормализирање на состојбата на северната граница.
„Клучен фокус на ова министерство и на целокупната влада на САД е соработка со партнерите во регионот, вклучувајќи го Израел, да се спречи конфликтот меѓу Израел и Хамас да прерасне во поширок конфликт. Тоа ги вклучува и тензиите на израелско-либанската граница“, изјави Генерал Мајор Пат Рајдер – портпарол на Пентагон.
Израел, како и секогаш, не коментира вакви напади во регионот, но сите траги водат до него и неговата моќна разузнавачка агенција Мосад, затоа што според експертите никој друг во регионот ги нема потребните способности и средства да организира ваква логистички и оперативно комплицирана операција.
Вметнувањето експлозив во апаратите бара физички пристап до нив, или во текот на транспортот, но уште поверојатно, во текот на производството.
Пејџерите кои експлодираа се дел од иста пратка, која пристигнала во Либан пред 5 месеци.
5.000 на број, и тие веднаш биле распределени во Хамас.
Нивната трага води преку 6 држави, од Либан и Сирија, каде што се случија експлзиите, преку Иран, кој е главниот финансиер на Хезболах, и Тајван, од каде е компанијата Голд Аполо чие лого стоело на нив, до Унгарија и компанијата БАК Консалтинг која се верува дека ги произвела пејџерите.
Тајванската компанија категорично негира дека тие биле произведени од нив.
„Оваа компанија соработува со нас и ги продава нашите производи веќе три години. Тие сакаа да произведуваат и пејџери и побараа дозвола од мене да го користат нашиот бренд. Ни платија за логото на секој пејџер, но самите ги произведуваа. -Дали сте 100% сигурни дека не се произведени во Тајван и не се на вашата компанија? -100% сум сигурен дека тоа не е наше производство“ истакна Хсу Чинг Куанг, директор на Голд Аполо.
Последната држава до која води трагата е токму Израел. Дел од американските медиуми цитираат неименувани извори од разузнавачките агенции на САД и Израел, според кои експлозиите на пејџерите биле планирани како прв удар кој го означи почетокот на голема израелска воена операција против Хезболах во Либан, неутрализирајќи голем број борци и комплетно парализирајќи го неговиот систем на комуникации.
Но, нивното детонирање било избрзано поради стравувањата дека операцијата ќе биде разоткриена.
Израелските сојузници, кои потрошија 11 месеци на дипломатски напори, стравуваат дали ова е нападот кој конечно ќе го втурне регионот во голема војна.
Игор Трајков











