Непријатна миризба се чувствуваше и денеска, откако синоќешниот интензивен дожд предизвика излевање на фекалната канализација по улиците во тетовска Мала Речица. По коловозот имаше остатоци од кал и песок, кои ги донела водата, која, како што раскажуваат жителите, се слевала од повисоките делови.
Поплавени биле дворовите на неколку куќи, гаражи, подруми, а некаде и навлегла во домовите. Поставувале вреќи и даски за да спречат поголеми штети.
„Од улицата влегува право во дворот, а за 5 см ќе влезеше во куќата. Земаме даски, земам маса, ставам за да не ми влезе во соба“.
„Штета имаме и од миризбата, од јамите што доаѓа. Канализацијата од горе дојде овде. И песокот од горе дојде од горе, каде е пониско и во куќа влегува“.
„Од таму дојде водата наваму, овде езеро. Влегуваше и во куќите еве има и лош мирис. На сеоја страна вода. Тоа е катастрофа“.
Жителите на Мала Речица велат дека ваквите слики се повторуваат по секој пообилен дожд поради лошата инфрастуктура.
„Секогаш, не ја прават канализацијата. Ништо не прават“.
„Треба канализацијата да се поправи. Ако се направи тоа мислам дека нема да имаме проблеми“.
Од Тетовската територијална противпожарна единица, која помага при вакви непогоди, интервенирале со испумпување на вода од 13 куќи во Мала Речица. Поради силниот дожд и во градот имаше поплавени улици, каде што покрај пожарникарите интервенирале и екипи на јавните комунални претпријатија.
И месец во јуни во два наврати имаше поплавени објекти и улици по силно невреме во тетовскиот регион.
ДАНИЈЕЛА БИЛБИЛОСКА











