Од утре треба да поевтинат дел од производите. Со пониска цена треба да се продаваат брашното, лебот, млекото, месото, овошјето и зеленчукот и уште други 70 продукти кои се дел од есенската кошничка. Од Владата потврдија дека одлуката за ограничување на бруто профитната маржа на дел од основните прехранбени производи денес е објавена во службен весник и од утре ќе стапи на сила. Производите кои се намалуваат ќе бидат обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Додека одлуката да почне да се применува, пазарчиња се преполни со производи, а се забележува и голема раздвиженост на граѓаните. Тие велат дека оваа година ќе се откажат од правењето зимница поради високите цени, ќе купат само неколку тегли за проба, а многу се ретки оние кои ја продолжат традицијата на правење зимници.
„Па нема да правам затоа што е многу скапо се, а и сама живеам па немам некоја потреба. Ќе купам некоја тегла по потреба, кога ќе ми се јаде“, вели граѓанка.
„Не правиме, не можеме двајца пензионери сме дома. Ќе си купиме некоја тегла. Цените се многу високи, сметам дека не секој може да си дозволи да направи зимница, но сепак постојат и такви што можат“, смета жител.
„Ќе направам нешто малку, ама скапо е сега, ќе чекам малку да поевтини“, објаснува жителка.
Според власта ова поевтинување ќе го олесни товарот на граѓаните затоа што со есенската потрошувачка кошница ќе бидат опфатени производите кои најмногу се користени. Од опозициската партија СДСМ пак обвинуваат дека овие мерки се задоцнети и нема да им помогнат на граѓаните. Деновиве ќе стапи на сила Законот за нефер трговски практики со кој ќе се ограничи маржата за 10 проценти, со која речиси 2500 производи дополнително ќе бидат намалени.
Тамара Марковска











