Советот за општи работи на Европската унија денеска заседаваше во проширен состав со земјите од Западниот Балкан. За првпат четири земји-кандидати од регионот, меѓу кои и Македонија, седнаа на тркалезната маса во Брисел заедно со нивните колеги од 27 земји-членки.
Првото учество на министрите од земјите-кандидати на формален состанок на Советот за општи работи на ЕУ доаѓа на поканата на актуелниот претседавач со унијата, Унгарија, на кој ќе се дискутира за Извештајот на Европската комисија за владеење на правото.
На состанок, се разговарало за состојбите во четирите области опфатени со последниот Извештај на Европската комисија за махенизмот за владеење на правото и тоа во делот на судскиот систем, борбата против корупцијата, медиумскиот плурализам и слободата на медиумите, како и други институционални прашања поврзани со контролните механизми.
Министер за европски прашања, Орхан Муртезани, кој ја претставуваше Македонија, на состанокот ја поздравил одлуката на ЕУ за вклучување на земјите од регинот во механизмот, креиран за мерење на владеењето на правото во земјите-членки, што според него означува критичен чекор за земјава во нејзината забрзана интеграција во ЕУ.
„Гледајќи напред, бараме целосно учество на земјите кандидати во овој механизам, вклучително детални препораки и мониторинг, што ќе придонесе за брзо усогласување со европските стандарди. Ова не само што ќе ја подобри нашата рамка за владеење на правото, туку и ќе ја олесни подлабоката интеграција во европскиот систем на економско управување – два процеса кои мора испреплетено да се одвиваат“, изјавил Муртезани на состанокот, како што се наведува во соопштението од Министерството.
Муртезани во своето обраќање пред Советот потврдил дека Македонија останува целосно посветена на исполнувањето на своите обврски во процесот на пристапување кон Унијата
„Свесни сме за сложеноста и барањата кои произлегуваат од ова патување, но сме подготвени тесно да соработуваме со новата Комисија и новиот комесар за проширување, потпирајќи се на вредните искуства на земјите членки на Унијата“, изјавил Муртезани.
Инаку во Извештајот кој беше објавен на крајот од јули за Македонија беше изразена голема загриженост за независноста на македонското судство и институционалниот капацитет за заштита од влијание. Во извештајот беа опфатени и случувањата околу Судскиот совет со констатација дека негативно влијаеле врз довербата во судството. Во делот на корупцијата за земјава Извештајот на ЕК констатираше и дека, ограничените ресурси и недостатокот на соработка меѓу националните власти го попречуваат ефективното гонење на корупцијата и воспоставувањето на стабилна евиденција за случаи на корупција на високо ниво. Европската комисија недостаток лоцираше и во процесите на подготовка на законите во земјата.
Tамара Грнчароска











