Сирените одекнуваат низ Тел Авив и централен Израел додека Хезболах истрела проектили кон градот. Според Хезболах нападот е насочен кон седиштето на израелската разузнавачка агенција Мосад. Израел, пак, соопшти дека го пресретнал нападот без да наведе дали има жртви или повредени. Ова е прв пат ракета на Хезболах да стигне до областа на Тел Авив.
- Лута сум што се разбудив во 6:30 од ракетен напад од Либан. Но, сочувствувам со Израелците кои живеат со ова секој ден. Гледаме над осум илјади ракети од осми октомври и деца кои се будат. И јас мислев во овој момент, луѓето одат на работа но тие ги ризикуваат нивните животи- Наоми Лопиан, турист од Англија.
- Стигнавме во недела и само спиевме во креветот и ја слушнавме сирената, која не разбудие. Таа ме разбуди и само истрчавме до скалите бидејќи немаат засолниште во хотелот. Затоа, моравме да трчаме до скалите и останавме таму десет минути и потоа вративме во собата- Рои Шлајфер, Израелец кој живее во странство.
Во исто време Израелската армија ги повика либанските семејства кои ги напуштија своите домови во јужен Либан да не се враќаат назад. Израелските борци извршиле уште еден бран воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан . Хотелите и апартманите во и околу Бејрут брзо се полнат додека семејствата бараат безбедно сместување. Срамтена со земја е работилница за поправка на автомобили која Израел ја гаѓал бидејќи сметале дека е магацин за оружје.
- Ова е цивилен објект специјализиран за поправка на автомобили. Овој објект започна пред три-четири години и поправа автомобил. Само тоа. Дојдовме ноќе и видовме дека објектот е погоден и тие рекоа дека тоа е складиште за оружје и тоа не е точно. Можеби за непријателот, за Израел завршени се целите на брегот и сега сака да гаѓа цивилни објекти- Иссам Абдалах, сопственик на работилница.
Болниците се борат да се справат со бројот на жртви по неколкудневните израелски напади. Повеќе од 560 луѓе, меѓу кои 50 деца, се убиени во израелските напади, соопшти либанското Министерство за здравство. Во директното обраќање до либанските цивили, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека ова не е војна со цивилите туку со Хезболах.
На Генералното собрание на ОН, шефовите на дипломатиите на Египет, Ирак и Јордан ја осудија израелската „агресија врз Либан“ и предупредија дека „Израел го турка регионот во отворена војна“. Иран се обидува да ја заштити сопствената безбедност, иранскиот претседател упати и критики кон САД за воведените санкции.
- Одземањето на пристапот до основните лекови е една од најболните последици од санкциите, загрозувајќи ги животите на илјадници невини луѓе. Оваа мерка не само што е грубо кршење на човековите права, туку претставува и злосторство против човештвото, рече од говорницата Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.
Словенија планира да свика вонреден состанок на Советот за безбедност на ОН за тензиите меѓу Израел и Либан на барање на Франција. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази длабока загриженост поради влошувањето на ситуацијата и големиот број цивилни жртви.
Билјана Ставрова











