Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш повика на ослободување на заложниците што ги киднапираше Хамас на 7 октомври лани. Во снимена видео изјава по повод годишнината од нападот на палестинската милитантна организација врз Израел, тој повика да запре, како што кажа, „шокантното насилство и крвопролевање“ во Газа и во Либан.
Лани, на 7 октомври, Хамас изврши ненадеен напад врз Израел. Уби 1.200 Израелци, зароби 250 луѓе како заложници и почна војна со Израел што уништи голем дел од појасот Газа, кој е под негова контрола.
Речиси 100 израелски заложници остануваат во Газа, а се верува дека помалку од 70 се живи. Израелците доживеаја напади – проектили од Иран и од Хезболах, експлозивни дронови од Јемен, фатални престрелки, а регионот се подготвува за натамошна ескалација.
Кон крајот на септември, Израел префрли дел од својот фокус на Хезболах, кој се обидува да го потисне од својата граница во делови од јужен Либан, каде што групата е вкоренета. Изјавата на Гутереш доаѓа неколку дена, откако израелскиот министер за надворешни работи на Израел го обвини Гутереш дека е против Израел, тврдејќи дека никогаш не ги осудил нападите на Хамас и сексуалното насилство извршени од неговите борци.











