Украинската Државна истражувачка канцеларија (СБИ) објави снимка од службеник на пензискиот фонд како лежи преку пари на кревет, откако тој и неговата мајка, исто така, висока државна службеничка се уапсени со речиси шест милиони долари во кеш.
Државната истражувачка канцеларија наведе дека агентите извршиле рација во канцеларијата на шефот на регионалниот центар за медицинска и социјална заштита во Хмељницки во рамки на истрагата за фалсификување на лажни инвалидски потврди кои им овозможуваат на мажите да ја избегнат воената обврска.
Агентите во канцеларијата пронашле 100.000 американски долари, заедно со списоци на мажи со фиктивен инвалидитет. Со натамошната истрага на имотот кој припаѓа на мајката и синот, се дојде до повеќе од 5,2 милиони долари, 300.000 евра и над пет милиони украински гривни.
Украинската невладина организација за борба против корупција „Антикор“ ги откри идентитетите на уапсените, наведувајќи дека се членови на партијата „Слуга на народот“ чиј лидер е актуелниот украински претседател, Володимир Зеленски. Станува збор Татјана Крупа и нејзиниот син Александар кој бил на чело на регионалниот центар.
За време на рацијата, Крупа „се обидел да се ослободи од дел од парите, на начин што фрлил две ќеси по половина милион долари преку прозорец“.
Според СБИ, Крупа и нејзината фамилија поседуваат 30 недвижнини во Хмељницки, во Лвов и во Киев, како и недвижнини во Шпанија, во Австрија и во Турција. Семејството Крупа поседувало и девет луксузни автомобили и хотелски комплекс, како и 2,3 милиони долари на сметки во странски банки. Мајката и синот ќе бидат обвинети за измама, за перење пари, за завера, за давање на лажни изјави и незаконско богатење, соопшти СБИ, додавајќи дека се соочуваат со затворска казна до 12 години.











