Ситуацијата на Блискиот исток се влошува од ден во ден. По две недели неколку камиони со хуманитарна помош стигнаа до северна Газа. Израелската војска соопшти дека 50 камиони влегле денеска, откако САД се заканија дека ќе стопираат дел од воената поддршка доколку во рок од 30 дена Израел не ја зголеми. Амбасадорот на Израел во ОН го обвинува Хамас за доцнењето на помошта.
- „Значи, сакам да разјаснам. Доставени се над 1 милион тони помош. Ние имамемо повеќе од 50.000 камиони, вклучително и над 700.000 тони храна. Проблемот во Газа не е недостатокот на помош. Проблемот е Хамас, кој ја презема, краде, складира и продава помошта да ја нахранат нивната машина за терор додека цивилите страдаат“ изјави Дени Данон, израелски амбасадор во ОН.
Хезболах денеска продолжи да истрелува ракети кон северен Израел. Според израелските одбранбени сили 90 проектили се испукани во земјата во последните 24 часа.
Во исто време Израел изврши воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, каде што е погоден подземен магацин што го користи Хезболах за складирање на оружје. Во нападот беше убиен и градоначалникот на јужниот либански град Набатија, како и уште петмина луѓе. Во Газа, Израел објави дека убил уште еден командант на Хамас и повеќе од 50 „терористи“ во областа Џабалија. Министерството за здравство на Хамас во Газа соопшти дека 65 лица загинале во израелските напади.
Додека Израел го дефинира и планот за напад врз Иран, портпаролот на иранското нуклеарно одделение рече дека е малку веројатен можен израелски напад врз нуклеарните локации во земјата.
- „Прво, ова е многу малку веројатно, и ако направат таква глупост, мала е веројатноста да нанесат сериозна штета. И дури и ако можат да предизвикаат каква било штета, нашата земја може брзо да ја надомести“ изјави Бехруз Камалванди, портпарол на иранската организација за атомска енергија.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека либанската милитантна група на Хезболах е „во многу тешка состојба“, таму „нема кој да командува, а и ако најдат некого, нема кој да ја изврши наредбата“.
Теа Димковска











