Мнозинството најави дека нема да го поддржат, но СДСМ во Собранието, сепак, поднесоа Закон за зголемување на минималната плата. Бараат зголемување на 27.700 денари, односно 450 евра и ги повикаа сите пратеници, без оглед на политичката припадност да гласаат за подобар животен стандард.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, негираат дека владините мерки не дале резултат. Апелираат до СДСМ да станат посериозни, затоа што им се случуваат технички грешки.
Од ССМ излегоа со податок дека вредноста на Синдикалната минимална кошничка за октомври изнесува 61.249,00 денари и за само 57 денари е поевтина од таа за септември. Нагласуваат дека ограничувањето на маржите даде дел од посакуваниот резултат, но поради алчноста за профит кај трговците што државата мора да ги заузда, тие ги зголемиле цените на сите производи уште пред да стапи ограничувањето на сила.
Ова го потврдуваат со фактот дека во септември имало пораст од 717 денари во делот за храна и пијалоци, додека за октомври таа сума е намалена за 965 денари. Оттаму сметаат дека зголемувањето на цените нема никаква врска ниту со економската логика, ниту со здравиот разум и дека напротив, тие уште треба да се намалуваат. Бараат синдикатот да биде вклучен при креирање на нови мерки, но и поголеми контроли и казни за несовесните трговци кои се богатат на грбот на граѓаните.
Далиборка Демјанска Цветановска











