Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Телма дознава: Новиот македонски и стариот бугарски состав во Комисијата за историски прашања утре за првпат ќе седнат на иста маса

/

пред 735 дена

Сподели преку :

Новиот состав од македонска и стариот состав на бугарска страна во Комисијата за историски прашања меѓу двете земји, утре за првпат ќе седнат на иста маса. Откако во средината на септември беше одложен состанокот на Комисијата поради смена на македонскиот тим, во кој беа сменети шест од вкупно седум члена, како што дознава Телма од извори од МНР, утре и задутре во просториите на Министерството ќе се одржи новиот состанок на мешовитата историска Комисија меѓу Македонија и Бугарија.

Засега нема информации дали македонскиот тим ќе бара ревидирање на некои од веќе усвоените препораки на Комисијата, односно отворање на веќе усогласените позиции меѓу двете страни, но и дали во таков случај би добила согласност од бугарска страна, со оглед дека за секоја одлука кој ја носи Комисијата, како усвојување записници, давање препораки, дури и утврдување на датумите за средби потребна е согласност, односно, консензус од двата тима.

Досега мешовитата Комисија усвои преораки за заедничко чествување на пет историски ликови – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто оделение во Македонија и за пети клас во Бугарија.

Последната средба на Мешовитата комисија за историски прашања меѓу Македонија и Бугарија се одржа на 30 и 31 мај оваа година во Софија, на која не беше постигнато поместување во позициите меѓу двете страни кои неколку години стојат заглавени на темите од средниот век, но и во дебата за ликот и делотот на Гоце Делчев.

Инаку македонската влада пред еден месец донесе одлука да смени шест члена на македонскиот тим поради, како што изјави тогаш премиерот, Христијан Мицкоски, тие не ги оправдала очекувањата и не ги заштитиле националните интереси на македонскиот народ.

Во новиот македонски тим влегоа четири сосема нови имиња – Митко Панов, од Институтот за национална историја, Никола Минов, од Филозофскиот факултет при УКИМ, Сашо Додевски, од Филозофскиот факултет во Скопје, Бесник Емини, од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, додека Александар Литовски, од Институтот за национална историја и Ванчо Ѓорѓиев, од Филозофскиот факултет при УКИМ, се поранешни членови на Комисијата до јануари, односно октовмри, 2021 година.

Димитар Љоровски Вамваковски од Институтот за национална историја во Скопје е седмиот и единствениот член на досегашиот состав на Комисијата кој ја доби довербата на новата влада да го продолжи ангажманот.

За нов претседател на македонскиот тим историчари е избран Ванчо Ѓорѓиев, кој на тоа место го наследи Драги Ѓоргиев од Институтот за национална историја.

Тамара Грнчароска