Бавно стигнуваат писмата преку Македонски пошти. Премиерот сè уште не го добил писмото што денеска до него го испратил претседателот на ДУИ, Али Ахмети за неодамнешните одлуки на Уставниот суд и за Охридскиот договор.
Не сакаше ниту да ја искоментира содржината, која „интегративците“ веќе ја објавија јавно. Без коментар остана и вицепремиерот.
Откако испрати писма до повеќе меѓународни претставници и шефови на држави, во кои зборува за непочитување на Охридскиот договор, Ахмети, такво слично писмо испратил и до премиерот. Во него, предупредува дека во актуелната комплексна геополитичка состојба во светот и регионот, за која цени дека „е поопасна од кога било, секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало, сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост“.
Овие писма, за министерот за јавна администрација се чист популизам. Најави две можности за замена на укинатиот Балансер. Едната е, делот за правична застапеност да биде имплементиран во законите, а втората е да се изготви посебен закон.
Ахмети денеска во седиштето на ДУИ го прими и шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, кому му ги пренесе истите ставови и стравови, барајќи помош од ЕУ и САД.
Далиборка Демјанска Цветановска











