Борбата против семејното насилство и насилството врз жените треба да биде еден од приоритетите на земјите од Западен Балкан, за да не се задоцни со превенција и санкционирање. Сепак од ратификација на Истанбулската конвенција до нејзино спроведување долг е патот и тоа треба да биде наша заедничка цел, велат учесниците на конференцијата посветена на борбата против семејното насилство.
„Во изминатите 10 години се убиени околу 300 жени, жртви на семејно насилство. Сметам дека секоја земја во регионот има сличен или ист проблем. Тоа за кое што ние апелираме и за кое се залагаме е централен јавен регистар кој што е предвиден со Истанбулската конвенција, тоа е она за кое се бориме. Има поделени мислења, имаме и „за“, имаме и „против“, но ние како Министерство сме иницијатори и фемицидот како посебно кривично дело да влезе во Кривичниот законик, тоа и го инициравме до Министерството за правда. И секако централен јавен регистар е нешто за кое што сметам дека е исклучително важно и тоа не само да се регистрира семејното насилство, туку и сите форми на родово базирано насилство“, изјави Нина Митиќ, помошник министер за човекови и малцински права и социјален дијалог на Србија.
Со неодамнешните измени на кривичниот законик од март 2023 година, Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан која воведе посебно кривично дело фемицид. Но, за сега сè уште не постои регистар според кој би имале јасна слика за актуелната состојба во однос на семејното насилство.
„Треба да ги промениме законите за да може тој регистар да биде инициран и да може таму да се внесуваат податоци од тимот на МВР, тимот кој работи во нивните единици и нашиот центар за социјална работа, така што кога ќе се создадат сите услови, работиме забрзано на оваа тема која е многу важна. И морам да кажам за разлика од колегите од регионот малку заостануваме“, Ѓоко Велковски, заменик министер за труд и социјална политика.
Важно е да се има јасна стратегија и во однос на прифатилиштата и поттикнување на прекугранична соработка, за да можеме да говориме за напредок кон побезбеден и поддржувачки регион за жртвите. Во меѓувреме подеднакво важно е надлежните институции и невладиниот сектор да работат на подигнување на свеста за насилството врз жените и семејното насилство во руралните средини, доколку имаме предвид дека во одредени средини таа свест е на многу ниско ниво, смета Велковски.
Нина Стефанова











