Потребно е да се подобрат независноста, непристрасноста, ефективноста и одговорноста во правосудството. Oва го констатира Eвропската комисија (ЕК) во најновот извештај, поткрепувајќи го низ факти и примери. Така во него се најдоа и спогодбите на двајцата функционери од правосудството Иџет Мемети и Наке Георгиев, за кои јавноста реагираше дека се благи, а се нотира и одлуката на судски совет парично да го казни апелациониот судија Енвер Беџети, затоа што девет месеци без го држел предметот за „Таргет Тврдина“ за масовното прислушкување.
„Одговорноста на судството треба да се подобри. Одлуката на Судскиот совет да казни судија од Апелациониот суд Скопје наместо да го разреши, за одолговлекување за еден од случаите за корупција на високо ниво на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), нашироко се гледаше како потврда за политичко мешање“, се вели во извештај на ЕК.
Европската комисија потсетува на одлуките на Антикорупцсика и на управните судови да се стопира приемниот испит за влез на 130 слушатели во академијата за судии и јавни обивнители до формирањето на новата влада и забележува дека сe одложило досега најголемото регрутирање на кандидати на Академијата, потребно за надминување на недостиг од судии и од обвинители. Нотиран е застојот и во изборот и разрешување на судии за време на изборниот период.
„Ригидното толкување на Изборниот законик за забрана на постапки за вработување на судии за време на изборните периоди, дополнително ги одложија процедурите за вработување и унапредувања. Недостатокот на мерки за справување со влијанието на закажаните пензионирања и недостатокот на напредок во спроведување на стратегиите за човечки ресурси во судството и обвинителството, исто така, влијаеше на ефикасност“, наведуваат од ЕК.
Се истканува и неисполнувањето на законскиот процент за судскиот буџет, но и заглавените закони.
Транспарентноста на судскиот и обвинителскиот совет е подобрена, но овие два совета мора да обезбедат сеопфатно образложение за нивните одлуки, вклучително и за избори, назначување и унапредување на судии и обвинители, пишува во извештајот.
И додека ЕК е дицидно против распуштање на овие две тела, очекува да се донесе закон за судски совет врз основа на препораките на Оценската мисија. Во планот за раст на ЕУ стои и датумот до јуни 2025. Доколку го спореведе ова, државата ќе може да повлече 105.000 евра. По принципот реформи за пари, регулирани се и другите обврски кои ги презема земјава.
Елена Ивановска Мукоска











