Предлог буџетот, за мене лично, покажува и докажува дека оваа влада не се разликува по ништо од сите влади во претходните 20 години. Правило е „не го слушај што збори, гледај што има во буџетот“, нагласи Ванчо Узунов, универзитетски професор, во вечерашната „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
„Ако сака некој да прави реформа и стварно мисли да прави реформи, некакви промени, тие ќе ги отслика во буџетот. Ако не, тоа се празни зборови, во буџетот ги нема, немаш реформи. Што се случи со овој предлог буџет? – Истата приказна што ја гледаме 20 години“, вели Узунов.
Тој забележува дека, кога се предложува Буџет, секоја влада, во секоја наредна година, се оди на „ајде ќе предложиме поголем буџет, за да трошиме повеќе“.
„Ама подготвувањето на буџетот бара некои технички, економски претпоставки и за да го направат тоа, тие мора да играат со таа еквилибристика околу равенката на бруто-домашен производ и како тие параметри влијаат врз стапката на раст на бруто-домашниот производ. И затоа велат, ние догодина ќе имаме повисока стапка на бруто-домашен производ. ММФ убаво вели 1,8 да имаш, да бидеш среќен“, „не ние ќе имаме 3,6“. Значи ние ќе имаме двојно и тука никој не е одговорен, ќе рече „па јас така предвидов“. Никогаш од никоја институција во Македонија не се побара објективна стапка“, рече Узунов.











