Зоран Џаиќ, инжењер по геологија, кој до март во 2023 година работел на реконструкција на зградата на железничката станица во Нови Сад, за Н1 вели дека се вршеле работи на натстрешницата и оти не е точно што тврди министерот Весиќ.
Џаиќ вели дека испратил дописи на неколку адреси, барајќи отстранување на мермерните плочи на фасадата на објектот, но и да се провери што има зад нив. Но, како што додаде, никој не одговорил.
„Прво, не е вистина што изјавуваат функционерите. На натстрешницата се работеше. Во првата фаза беше поправена керамиката на горниот дел, а направено беше само козметичко уредување на натстрешницата. Во втората фаза, за време на работите на фасадата и реконструкцијата на камените облоги, во 2023 година испратив извештај до изведувачите, а го добија сите – од министерството па натаму, во кој барав вадење на мермерните плочи на зградата за проверка на подлогата под нив, со цел поправка на подгогата и поставување на нови мермерни плочи кои беа предвидени со проектот“, рече Џаиќ.
На предниот дел, како што додаде Џаиќ, биле поставени сајли кои ја држеле натстрешницата, се спуштале од покривот за да дадат дополнителна цврстина на конзолата.
„Натстрешницата немаше столбови. Се држеше на тој начин што конзолата била врзана за зградата, а носивоста на целата натстрешница ја осигурувале сајли кои биле прикачени за покривот на зградата. Ако плочите беа тргнати, веројатно ќе се забележеше дека подлогата не е добра и можеби ќе се откриеше дека сајлите можеби кородирале“, посочува Џаиќ.
Џаиќ рече оти не знае каква била состојбата, но „факт е дека тој дел не бил сработен и изведувачот одлучил само да ги префарба плочите кои требало да ги замени“.
„Требаше да се поправи подлогата на тие плочи. Тврдењето дека не се работело на натстрешницата не е точно, бидејќи натстрешницата дополнително била прекриена со стакло. Проектот од 1965 година, кога ја правел станицата, ги проектирал конзолите и го поврзувал предниот дел, додека меѓу нив бил празен простор, па сајлите ја држеле целата количина на бетон и материјал“, рече Џаиќ.
Кој и да бил одговорен, смета Џаиќ, морал да ја провери носивоста на сајлите, статиката, како и сите проекции за да се утврди дали натстрешницата може дополнителна да се оптоварува. Според него, основната и главна одговорност е на министерот и според него, тој мора да поднесе оставка, а потоа и сите под него.











