Директорот на Државна видеолотарија, Костадин Каракабаков се огради од прашањата за обвинувањата дека на Касионс Аустриа и се овозможил монопол од страна на нивниот содружник Државна лотарија, бидејќи сегашниот директор Александар Климовски, како што откри КОД бил консултант на странскиот партнер и за неговите услуги наплатил речиси 140 илјади евра.
„Ова прашање би требало до Касионс Аустриа да биде поставено“, рече Каракабаков.
Но, Климовски како прв човек на Државна лотарија која заедно со Касинос Аустриа ја формира видеолотарија е член на надзорниот одбор и со тоа учествува во носењето на одлуките.
„Не користиме ние од него консултантски услуги како Државна видеолотарија“, посочи Каракабаков.
„Ние работиме согласно законската регулатива и во таа насока секогаш без исклучок ги почитуваме одредбите на регулаторните тела затоа и досега сме докажале дека во повеќе наврати немаме никакви незаконски дејанија“, додаде Вики Чадиковска, лице за односи со јавност во видеолотарија.
На прашањето дали има конфликт на интерес фактот што Климовски до назначување на новата функција за директор на Државна лотарија работел за странскиот партнер во видеолотарија Касионс Аустриа, Каракабаков одговори дека не го назначуваат тие во надзорниот одбор, туку е делегиран од содружниците.
Инаку 51 отсто од акциите во видеолотарија има Државна лотарија, а 49 отсто Касионс Аустриа. Климовски како директор по автоматизам станува член на надзорниот одбор на фирмата ќерка видеолотарија.
ДУИ вчера обвини дека државата не само што ја нема зачувано доминантната позиција во одлучувањето, туку сега повторно и го враќа монополското право на Касионс Аустриа, која имала профит од над 100 милиони евра.
Марија Митевска











