Предвремените избори, понудени во собраниска полемика меѓу премиерот и претседателот на СДСМ, веќе не се опција. Сега и да побара опозицијата распуштање на парламентот, Мицкоски нема да прифати.
Премиерот им посака на опозициските партии да се освежат програмски и кадровски и тоа да го покажат на редовните локални избори наесен. Со сличен став е и тетовскиот градоначалник.
Филипче деновиве изјави дека го прифаќа предизвикот за избори, иако на синоќешниот Централен одбор се соочи со разединетост во партијата. На седницата не се појавија поголемиот дел од досегашните функционери, а на ова претходеа и објави од екс-градоначалникот Петре Шилегов, во кои најавува партиски промени напролет.
Ситуацијата ја смируваше поранешниот функционер, Јани Макрадули, кој повика внатрепартиската дебата да не се води на социјалните мрежи. На раб на кворум е одлучено, на 24 ноември да се одржи Конгрес на партијата на кој ќе се избере нов Централен одбор и ќе се разговара за понатамошните потези. Ќе бидат предложени и измени на Статутот на СДСМ, со воведување на уште еден организациски секретар и со прецизирање на принципите на родова еднаквост за избор на заменик-претседател на СДСМ.
Далиборка Демјанска Цветановска











