50 милиони евра од ЕИБ како адут на претходната и сегашната Влада веќе по втор пат се нудат на општините за подобрување на водната инфраструктура. Во август минатата година беше првиот повик а вториот повик пристигна минатиот петок. Во меѓувреме дел од проектите веќе се одобрени и почнати со изградба.
Во петокот во Владата премиерот Мицкоски, првиот вицепремиер Меџити и директорот на Европската инвестициска банка, Габриел Бјорн, се сретнаа со 58 градоначалници од државата а официјалното соопштение од Владата беше дека имала информативен карактер.
Од коалицијата „ВРЕДИ“ отидоа чекор понатаму па во соопштението лиферувано во јавноста истиот ден стоеше дека станува збор за дополнителни 50 милиони евра иако станува збор за пари обезбедени во 2023 година. Овие средства според ВЛЕН не се само за водна инфраструктура туку и за патната.
Премиерот Мицкоски денес потврди дека станува збор за истите средства и ја обвини тогашната власта а сегашната опозиција дека парите биле делени по партиски клуч.
Во Одлуката на Владата предводена од тогашниот премиер Димитар Ковачевски објавена во „Службен весник“ во август минатата година наведена е методологијата за распределба на овие пари односно дека секоја општина ќе добие по 200 илјади евра или вкупно 16 милиони евра, уште 16 милиони евра ќе се распределат согласно индексот за општински развој а 18 милиони евра кои остануваат ќе се доделат по клучот 70% од бројот на население и 30% од бројот на населени места. Објавена е и листата на Општини со вкупните средства кои им следуваат од овие 50 милиони евра.
Според информациите на Телма досега се одобрени десетина проекти финансирани од овие средства а првото објавување на тендери било во март оваа година.
Огнен Чанчаревиќ











