Антикорупциска го доби одговoрот од тајната служба АНБ во последен момент од рокот со детали за биографијата на новиот директор на АНБ, Бојан Христовски. Не се откриваат детали што содржи одговорот и дали станува збор за доверлив материјал. ДКСК допрва ќе го разгледуваат. Од друга страна, опозицијата ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека со вчерашните постапки на надзорната комисија, само ја спречуваат потрагата по вистината за спорната биографија на Христовски.
Последниот ден од рокот, АНБ ги испратила документите кои ги бараше Антикорупциска за да утврди дали Бојан Христовски ги исполнува условите за да ја води тајната служба. ДКСК пред 15 дена отвори предмет за Христовски по анонимна претставка за стажот, искуството, образованието и за бугарскиот јазичен сертификат за англиски јазик.
Нема детали што содржи одговорот и дали по праксата на Агенцијата за разузнавање, тој одговор е класифициран со што би се попречило брзо одлучување во предметот. Христовски вчера беше во Собрание, но наместо да одговара ги слушаше жестоките дебати меѓу неговите доскорешни сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата.
Откако претседателот на надзорната комисија ја прекина седницата и не сакаше да ги стави точките предложени од владеачката партија, опозиционата СДСМ обвинува дека со тоа сценарио е спречено сослушувањето на директорот Христовски и според Филипче „е само уште една потврда во каков криминал се навлезени ВМРО ДПМНЕ“.
„Комисијата можеше редовно да си заседава и директорот да одговори на сите прашања, меѓутоа тоа не се случи. Но тоа не е нешто ново, политизација и партизација на безбедносните структури нешто што сме виделе во претходното владеење на ВМРО ДПМНЕ. Сакам јасно да му порачам на премиерот дека СДСМ, нема да дозволи повторно воспоставување на системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Директорот на АНБ од која зависи и безбедносната проверка на претседателот на надзорната комисија Скендер Зејд Реџепи не доби збор ниту беше стигнато до дебата за неговата спорна биографија во која најспорно е ТОЕФЛ сертификат за англиски јазик добиен во Бугарија во јазичен центар Јулија каде што не издаваат такви сертификати.
Тој момент од биографијата на новиот директор на АНБ кој пред 5 години не го помина ветингот за да премине од УБК во новата Агенција исплива со објавената биографија на Факултетот за безбедност каде Христовски конкурирал за асистент. СДСМ бара и таа постапка за избор да се провери.
Христовски е предложен за асистент по предмет криминалистика на која се учат и детали за истраги за фалсификувани документи.
Миомир Серафиновиќ











